Економија

ССК: Зголемувањето на минималецот без да се зголеми продуктивноста е чист популизам

22.12.2021 14:53

Зголемувањето на минималецот на 18 илјади денари без да се зголеми продуктивноста е чист популизам, што ќе предизвика дополнителни трошоци на компаниите, велат од Сојузот на стопански комори. Од владата со став – повисоката минимална плата има за цел проширување на работничките права...

Зголемувањето на минималецот на 18 илјади денари без да се зголеми продуктивноста е чист популизам, што ќе предизвика дополнителни трошоци на компаниите, смета Сојузот на стопански комори. Ова ќе влијае демотивирачки на попродуктивните работници и ССК побара од Владата намалување на стапките на придонеси и данок на личен доход кои според нив на бруто плата изнесуваат 33% и се многу повисоки во однос на други земји.

„Ако Владата е искрена во своите намери да помогне на бизнисот и на граѓаните тогаш треба да спроведе мерка со што ќе се намалат стапките на придонесите кои се на екстремно високо ниво. Односно кај нас ефективната стапка на придонеси и данок на личен доход на бруто плата изнесува 33%, додека за споредба во Германија изнесува 27%, во Бугарија 19%, Словенија 18%, Хрватска 17%“, изјави Александра Андреева, член на УО на Сојуз на стопански комори.

Реагира Владата, велат дека се во постојана комуникација со сите засегнати страни и со синдикатите и со бизнисот и со Стопанските комори и овие чекори се во насока на подобрување на стандардот и правата на работниците.

„Ангажманите на Владата се минималната плата да биде 18.000 денари што има за цел подигање, проширување на работничките права .Оваа одлука треба да се случи во иднина и е во насока на пораст на правата на работниците и таа одлука или закон ќе биде усвоен од Собранието“, изјави Муамет Хоџа, портпарол на Владата.

Бизнис заедниацата потсетува дека растот на минималецот ќе ги зголеми трошоците на компаниите , особено на малите и микро фирмите кои тешко се справуваат со последиците од ковид кризата.

„Чисто политичко зголемување на минималната плата што може да води кон дестабилизација на и онака нефункционалниот пазар на труд до што може понатаму да доведе овој чекор“, изјави Благоја Грозданов, член на УО на Сојуз на стопански комори.

Зголемувањето на минималецот го поддржаа сите синдикати, но не и Организацијата на работодавачи која смета дека секое наметнато покачување на минималната плата дополнително ќе ги оптовари компаниите и ќе го демотивира квалитетниот кадар.

 

Свето Николовски