Ковид-19

Нема нови мерки, апел граѓаните да се вакцинираат

22.12.2021 15:03

За Новогодишните празници нема потреба од воведување нови рестритктивни мерки за заштита од Ковид-19, уверува министерот за здравство Филипче. Вели, актуелните мерки се добри, а единствен излез од пандемијата е вакцинацијата. Според здравствените власти, болниците се растеретени, од понеделник се затвораат ковид-одделенијата на интерните клиники...

Нема нови рестриктивни мерки за заштита од Ковид-19 за време на Новогодишните празници – соопшти Министерството за здравство. Првиот човек на ресорот не гледа потреба од нови ограничувања, бидејќи смета дека актуелните мерки се добри, состојбата со коронавирусот е стабилна, а болниците не се оптоварени. Наредната недела се затвораат ковид-одделенија на интерните клиники. Засега кај нас не е регистриран случај на заразен со Омикрон, но министерот апелира граѓаните да се вакцинираат.

Наредните денови, Филипче ќе иницира средба со неговиот наследник Беким Сали, за да го информира за тековни работи, но и да му порача секогаш да биде достапен за новинарите. Жали што во неговиот мандат не почна изградбата на Клиничкиот центар во Скопје.

Филипче се осврна на она што го сработил изминатите години. Како најголем предизвик ја посочи пандемијата, а како најголем успех - растот на платите на здравствените работници, подобрување на условите за работа, набавката на лекови за пациенти со ретки болести.

Викторија Милевска