Oпасност од цунами по силниот земјотрес во Чиле

02.04.2014 09:26

Предупредување за цунами е издадено во Перу, Чиле, Еквадор, Колумбија, Панама, Костарика, Никарагва и за Хаваите, а тресење било почувствувано и во Боливија...

Пет лица загинаа во силниот земјотрес од 8,2 степени според Рихтер што го погоди северниот брег на Чиле.

Замјотресот предизвикал цунами во висина од два метра. Блокирани се повеќе патишта низ земјата, илјадници луѓе останале без електрична енергија, оштетен е еден аеродром, а неколку објекти биле опожарени.

„Тресењето се почувствува многу, ги следевме мерките за безбедност и се симнавме долу за да видиме што се случува. Изгледа дека другите згради се во ред. Видовме како светлата на зградите пред нас се движеа истовремено, многу необично“, вели Виктор Корнејо, локален жител.

Предупредување за цунами е издадено во Перу, Чиле, Еквадор, Колумбија, Панама, Костарика, Никарагва и за Хаваите, а тресење било почувствувано и во Боливија.

Земјотресот бил регистриран во водите на Пацификот, на длабочина од десет километри во близина на границата со Перу.