Мијалков излегува од притвор по десет месеци поминати во Шутка
Апелација ја прифати гаранцијата од над 11 милиони евра на поранешиот директор на УБК. По повеќе од 10 месеци во затворот во Шутка, Сашо Мијалков излегува од притвор. Реагира министерот за правда Маричиќ - одлуката на Апелацискиот суд ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите...

Апелацискиот суд во Скопје ја прифатил гаранцијата од 11.106.501 евра од поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков да излезе од притвор. Неговата жалба била уважена и решението на Основниот суд за притвор е преиначено, велат од Апелцискиот суд. Одземена му е патната исправа и ќе мора да се јавува во судот, а со прифаќање на гаранцијата во имот, тој ќе излезе од притвор.
За одлуката на Апелациониот суд- реакција на министерот за правда Бојан Маричиќ. Излегувањето од притвор на Сашо Мијалков ја намалува и онака разнишаната доверба на граѓаните во судовите – оценува Маричиќ
„Потсетувам дека Мијалков беше лице под реален ризик за бегство и повод за настани кои ја вознемирија целата македонска јавност. Судиите на Апелациониот суд во Скопје, Ѓоко Ристов и Енвер Беџети, кои ја донесоа оваа одлука треба да ѝ објаснат на јавноста на кој основ ја донеле ваквата одлука и на кој начин ќе ја преземат одговорноста доколку се случи повторно ризик од бегство. Судот иако е независен, должен е јавно да ги објаснува своите одлуки за да можат граѓаните да веруваат во судството“, изјави Маричиќ
Маричиќ со апел до Судскиот совет да испита по кој основ судиите ја донеле оваа одлука. Инаку Мијалков од 26-ти февруари годинава е во притвор во затворот Скопје. Неправосилно беше осуден на осум години затвор заслучајот „Трезор“, за набавка на британска опрема за следење на електронската комуникација за УБК.
Има и првостепена пресуда од 12 години затвор за случајот „Таргет – Тврдина“ за нелегалното прислушување, а во тек се и неколку други предмети за коишто е обвинет.
Марина Стојанова Тонева
