Политика

Собранието ја констатира оставката на премиерот Заев и на Владата

23.12.2021 12:02

Оставката беше констатирана без премиерот Заев усно да ја образложи. Оставката на премиерот повлекува оставка и на целата Влада...

Собранието ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев. Оставката беше констатирана без премиерот Заев усно да ја образложи. Оставката на премиерот повлекува оставка и на целата Влада. Оставката на премерската функција Заев ја поднесе вчера до претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Во доставената оставка Заев наведе дека ваквата одлука ја презел како логичен чекор кој произлегува од исходот на локалните избори и како израз на преземената одговорност за изборните резултати.

На премиерската функција Заев беше од 31-ви мај 2017-та година, а втор премиерски мандат освои на изборите на 15-ти јули минатата година.

Со констатирањето на оставката почнуваат да течат уставните рокови за избор на нова Влада.

Претседателот на државата Пендаровски има рок од десет дена да го даде мандатот на новиот мандатар. Тој потоа, во рок од 20 дена треба до Собранието да ја достави новата програма и новиот владин состав.

По констатирањето на оставката, се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик-министер за финансии Димитар Ковачевски.

По добиениот мандат, Ковачевски во првата половина на следниот месец до Собранието би требало да ги достави програмата и предлогот за состав на новиот владин кабинет, по што на собраниска седница би се избрала новата влада.