Македонија

МВР со детали за полициската акција во Куманово и Скопје

23.12.2021 12:37

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски со детали за полициската акција во која меѓу десете приведени имаше три полициски и пет царински службеници. Се сомничат дека неовластено произвеле и пуштиле во промет наркотични дроги во Куманово и Скопје. Истрагата траела околу девет месеци...

Три полициски и пет царински службеници се меѓу десетмината приведени како дел од меѓународен канал за криумчарење дрога. Се сомничат за неовластено производство и промет на наркотици во Куманово и Скопје.

При претрес во возилата и во домовите кај полицајците биле пронајдени и одземени кокаин, муниција и поголема сума на пари. Министерот Спасовски информираше - истрагата траела околу девет месеци по добивањето на информација во МВР за влез на нелегална стока во земјава. Се покажало дека службениците од Царинската управа, кои биле пратени да ја проверат сомнителната стока, биле соучесници на осомничените полицајци.

Во акцијата биле запленети 190 килограми лекови и 13 кутии со над милион и 500 илјади таблети. МВР покрена дисциплинска постапка против полициските службеници кои ќе бидат суспендирани. Акцијата е сѐ уште во тек, а МВР во истрагата дополнително обезбедува докази за вмешаност и на други лица.

 

Викторија Милевска