Македонија

Бродското поврзување меѓу Струга, Охрид и Поградец станува реалност

23.12.2021 13:06

Бродското поврзување на трите градови на брегот на Охридското Езеро станува реалност. Од ИПА програмата за прекугранична соработка одобрени се 1 милион и 500 илјади евра за набавка на соларни еко бродови кои ќе крстарат помеѓу Струга, Поградец и Охрид.

Идејата за воспоставување на бродска линија Струга - Поградец - Охрид станува реалност. Одобрени се 1 милион и 500 илјади евра од ИПА програмата за прекугранична соработка.

Предвидена е набавка на два еко бродови на соларна енергија, кои ќе служат за крстарење, но нема да го загадуваат езерото. Поради препораките на УНЕСКО нема да се случи најавената реконструкција на пристаништата во Струга и Поградец, но бродовите ќе застануваат на веќе постоечките докови.

Овој стратешки проект за развој на туризмот е идеја на ХОТАМ, преку министертвото за локална самоуправа и ИПА програмата.

„Една туристичка атракција која треба да постои дванаесет месеци во годината и со што би се збогатил самиот изглед на езерото. Кога ќе видиме некој пловен објект поготово објект што се движи на струја значи нема да има загадувања никакви Средствата се веќе одобрени станува збор за 1,5 милиони евра за два брода тоа ќе бидат многу модерни бродови“, вели Крсте Блажески претседател на хотелската асоцијација ХОТАМ.

Поврзувањето на Струга, Охрид и Поградец ќе биде нова димензија во туристичката приказна на Охридското езеро, но и остварување на долгогодишниот сон на туристичките работници. Повеќе една година се работи на овој проект, моментално се прецизираат деталите за прегугранична царина и полиција.

„Полицијата и царината каде точно ќе бидат стационирани и како тие бродови ќе функционираат како би имале точен број на патници и сето тоа мислам дека ќе го решиме со внесување на нови технологии ќе се применат најновите инструменти кои тоа може да го следат и да го даваат како бројка меѓу двете држави“, вели Блажески.

Во минатото со брод биле поврзани трите градови. По половина век пауза во 2014 година беше возобновена бродска линија меѓу Охрид - Поградец, која поради слабиот интерес на комерцијалните бродови згасна во 2017 година. Проектот за повторно езерско поврзување на трите градови се очекува да се реализира до следното лето.

 

Соња Рилковска