Македонија

Загадени водите на Дојранско, Тиквешко и Беровско Езеро, потребни се мерки за заштита

23.12.2021 14:00

На скала од еден до пет, водите од Дојранското, Тиквешкото и Беровското Езеро се во класа четири. Ова е резултат од мониторингот на квалитетот на водата од трите езера што од април до ноември годинава го изврши Универзитетот „Гоце Делчев“ и Институтот за комуникациски студии во рамки на кампањата „Разбистри сè“…

Резултатите од микробиолошките анализи на Дојранско и Тиквешко езеро покажуваат присуство на бактерии од фекално потекло, што значи дека овие езера не се безбедни за рекреација, туку само за наводнување. Присуството на овие бактерии е поголема во лето, додека на есен расте концентрацијата на фосфор.

Загаденост со тешки метали во овие езера не е регистрирана, освен во Тиквешко Езеро на есен. Во Беровско и Тиквешко езеро концентрацијата на нитрити и фосфати е најголема кога езерата се на биолошки минимум. Големата концентрација на нитрати во Дојранско Езеро резултира со експанзија на растителниот свет и загадување од четврти степен.

Резултатите од мониторингот на водите во Дојранско, Тиквешко и Беровско Езеро се алармантни – е заклучокот од кампањата „Разбистри сè“. Потребен е сеопфатен пристап од институциите за да се дефинираат мерките за заштита на езерата.

Славица Величковска