Констатирана оставката на Заев, течат роковите за избор на нова Влада
На седница на Собранието, констатирана оставката на премиерот Зоран Заев. Цела влада е во оставка. Немаше пратенички прашања. Спикерот Џафери вели-нецелисходно е да има кога Владата е во оставка. Од опозицијата со став-Владата е на должност сè додека не се изгласа нова…

Претседателот на Собранието Џафери ја констатираше оставката на премиерот Заев и на министрите. И покрај инсистирањето на опозицијата, немаше седница за пратенички прашања. Џафери образложи дека одлуката се базира врз основа на воспоставената пракса, додавајќи дека во вакуумот до избор на новата Влада нема да има нови седници, бидејќи влада во оставка не предлага закони.
За пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Владата во оставка до изборот на новата извршна власт, има обврска да даде отчет за сработеното. Координаторот на пратеничката група Мицевски смета дека со одложувањето на седницата за пратенички прашања, Владата избегнува да одговори на прашања поврзани со криминалот, корупцијата, енергетската криза, надворешната политика и односите со Бугарија, вклучително и што содржи документот „5+1“, кој е одговор на барањата на Софија.
Мицевски најави дека ќе ги искористат сите демократски средства кои им се на располагање за да добијат одговор за овие прашања. Опозицијата не присуствуваше на продолженијата на пленарните седници.
Течат уставните рокови за избор на нова Влада. По добивањето на дописот од Собранието за оставката на Заев, претседателот Пендаровски ќе чека известување за обезбедено мнозинство и во рок од 10 дена ќе го додели мандатот. Новиот мандатар, најверојатно лидерот на СДСМ Ковачевски, има уште 20 дена да го предложи тимот.
Марина Стојанова-Тонева
