Македонија

Општина Тетово: На јавни површини околу градскиот пазар може да се продава само во четврток

23.12.2021 16:08

На јавни површини околу градскиот зелен пазар може да се продава само во четврток, одлучи Општина Тетово, откако деновиве спроведе неколку акциски контроли за ослободување на тротоарите и улиците од импровозирани тезги, на кои земјоделците претежно продаваа сезонски производи. Дел од нив велат дека изнајмувањето тезга внатре во пазарот за нив е голем трошок, особено кога се работи за продавање на сезонски производи.

68- годишниот Шабан Адеми од тетовски Челопек, веќе шеста година парче леб за семејството заработува на тротоар покрај градскиот пазар, каде продава земјоделски производи. Останал без работа две години пред да се пензионира, и одтогаш секој ден е тука.

Си имав свои муштерии некако ја крпевме, но сега ќе биде малку потешко, раскажува Адеми. Општината освен во четврток не дозволува да ги користиме овие јавни површини, а во пазар со нашата мала заработувачка како ќе плаќаме закуп на тезгите.

„Јас за овие денови сум направил двесте денари на ден, тоа не може основно седум души дома ранам. Никој не работи, ама сега одлуката мора да се поочитува, законот ако не се почитува ќе те казнат“, рече Адеми.

Малку потешко е и за земјоделците кои продаваат сезонски одредени производи еднаш во годината.

„Земјоделците кои работаат сезонски не можат да откупат тезга затоа што не им одговара, а тезгите се земаат за една година и повеќе“, вели Саше Ѓорѓески, земјоделец од тетовско Горно Седларце.

Општината од минатата недела ги засили инспекциските контроли, но претежно во центарот на Тетово и околу зелениот пазар. Во останатиот дел од градот нема промена.

Градоначалникот Биљал Касами вели дека во сите делови на Тетово ќе се ослободат јавните површини, но откако на земјоделците ќе им се понудат соодветни локации за продажба.

И покрај повеќето најави на властите, Тетово сѐ уште нема пазар на големо, па така голем дел од земјоделците производите натоварени на трактори, ги продаваат на тротоари и останати јавни површини.

Зоран Димовски