Засилени контроли на добиточните пазари
Инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство досега пронашле и отстраниле триесетина необележани свињи. Акцијата и проверките се прават поради зголемената трговија со животни за новогодишните празници и спречување на можната евентуална појава на добиточната болест Африканска свинска чума, која кај нас ја нема, но превентивно се превземаат заштитни мерки...

На добиточните пазари во Струмица и во Куманово инспекторите на Агенцијата за храна и ветеринарство , одземале и уништиле 29 свињи кои потекнуваат од четири различни одгледувалишта. На сопствениците им се изречени парични казни. Констатирано е дека има продажба на животни кои се необележани и нерегистрирани, односно без ушни маркици и без соодветни документи за потеклото и здравствената состојба.
Според Агенцијата, овие засилени контроли на добиточните пазари и прометот со живи животни во пресрет на новогодишните празници се вршат со цел да се зајакнат мерките за спречување на појава и ширење на болеста Африканска свинска чума, која не е присутна во нашата земја.
Од неа заболуваат домашните и дивите свињи, не е опасна за човекот, но предизвикува големи економски загуби. Се пренесува и шири преку директен контакт меѓу животните, или преку заразена храна и отпадоци од храна, опрема, возила и облека. Смртноста кај домашните свињи може да достигне и до 100 проценти.
За секое движење надвор од фармите или транспорт, животните треба да имаат валиден сертификат за нивната здравствена состојба. Строго е забрането и продавањето на животни надвор од добиточните пазари.
Методија Трајков
