Здравство

67% од новите случаи и 85% од хоспитализираните со Ковид-19 се невакцинирани

24.12.2021 12:54

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6-ти август до 23-ти декември на територија на државата починале 2.362 лица со Ковид- 19, 1.850 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 21% примиле вакцина...

Во период од 6-ти август до 23-ти декември годинава, на територија на државата 66.857 граѓани се позитивни од тестирани на Ковид- 19, од нив 33% биле целосно вакцинирани, односно 21.806 лица, информира Министерството за здравство.

Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со Ковид- 19. Според статистика за изминативе недели, 45.051, граѓани, односно 67% од позитивните на Ковид- 19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 85%, додека само 15% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани.

Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6-ти август до 23-ти декември на територија на државата починале 2.362 лица со Ковид- 19, 1.850 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 21% примиле вакцина.

Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас, како и пациенти кои се вакцинирале во странство со вакцини на „Модерна“ и „Џонсон“.

Министерството за здравство апелира граѓаните да се вакцинираат, бидејќи само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2.