Економија

Кризата дополнително ја влоши задолженоста на микро компаниите

24.12.2021 16:09

Микрокомпаниите се најтешко погодени од пандемијата и енергетската криза – покажа анализата на Економскиот факултет од Скопје. Се предлага владата да дизајнира мерки за поддршка токму за овие фирми. На маса и мултилатерална компензација, како можност доброволно да се пребијат побарувањата и обврските меѓу претпријатијата и да се подобри нивната ликвидност...

Пандемијата и енергетската криза ги влошија финансиските перформанси на домашните компании и притоа најзасегнати се микро компаниите. Податоците на Народна банка укажуваат дека 91 до 92% од македонските фирми имаат максимално до 9 вработени и затоа за нив е потребно дизајнирање на посебни мерки на поддршка. Нивната задолженост и ликвидност лани се влошени дополнително, а соодносот на добивката и расходите е негативен, вели професорот Борче Треновски.

„Видете го односот долг –капитал. 1, 8 пати е поголем во 20219-та, додека 2020-та е 2, 5 пати поголем долгот во однос на капиталот на овие претпријатија. Ова е значајно, неспоредливо со големите фирми. Малите се блиску тука, но големите и средните се далеку. Тоа е друг свет и во однос на предизвиците и во однос на начинот на управување со финансиите“, изјави проф. д-р Борче Треновски, Економски факултет-Скопје.

Задолженоста на микросубјектите во 2020-та е влошена за дополнителни 7 процентни поени за само една година, што претставува енормна задолженост. Кај малите е 55%, а големите имаат најмала вкупна задолженост. Експертската јавност ја нуди можноста за мултилатерална компензација како можност доброволно да се пребијат побарувањата и обврските меѓу претпријатијата и да се подобри нивната ликвидност. Новиот начин на вакво порамнување подразбира користење дигитална алатка која овозможува затворање на обврските со побарувањата директно без движење на парични средства, преку поврзаување на голем број на должници и на доверители што имаат меѓусебни должничко-доверителски односи.

„После искажувањето на вољата на сите фирми, доколку сите потврдиле во тој синџир, тој се потврдува, се затвора компензацијата и секој од клиентите што учествувале во компензацијата добива дигитално потпишан конечен извештај со кој во сопственото сметководство го раздолжува тој долг со конкретно побарување“, вели Златко Попоски- финансиски експерт.

Веб платформата на која се дискутираше за одржливиот финансиски концепт на фирмите ја организира Бизнис конфедерацијата на Македонија, поддржана од проектот на Меѓународната органзиација на трудот, финансиран од ЕУ.

 

Свето Николовски