Потврда на номинацијата на Ковачевски за мандатар
Највисоките партиски органи на СДСМ треба да ја потврдат номинацијата на Димитар Ковачевски за мандатар, кој треба да го формира новиот владин состав. По предлог на лидерот на партијата, Централниот одбор ќе го избира и новото раководство. Шефот на државата Пендаровски според најавите в среда ќе го додели мандатот за состав на новата Влада. Опозицијата не се откажува од предвремени парламентарни избори. Ковачевски нема легитимитет, велат од ВМРО-ДПМНЕ...
Новиот лидер на СДСМ Ковачевски, на Централен одбор на СДСМ треба да предложи нов Извршен одбор , потпретседатели на партијата и генерален секретар, додека заменикот претседател Лукаревска избрана на претходниот конгрес ќе продолжи да ја извршува функцијата и во наредниот период.
Како што информираа од владејачката СДСМ, Ковачевски има право да кооптира дополнителен број на членови по негов избор во Извршиот одбор. Во СДСМ велат ќе има кадровски освежувања во партија, со цел СДСМ како партија да се засили и кадровски и организационо. Оттаму посочуваат дека се добредојдени сите членови кои во минатото се дистанцирале од партијата или се откажале од политика за да може новиот претседател да внесе нова енергија во дејствувањето на партијата.
Во ВМРО-ДПМНЕ велат, Ковачевски покажа и докажа уште еднаш на самиот почеток од преземањето на функцијата, дека е ист како Зоран Заев, дека ги има истите вредности и принципи и дека е за заштита на криминалот како и претходникот. Затоа, како што велат, потребни се на предвремените парламентарни избори за да биде сменета оваа неспособна и корумпирана влада.
Од кабинетот на претседателот Пендаровски информираат дека во среда се очекува да му го додели мандатот на Ковачевски. Во рок од 20 дена новиот мандатар треба на Собранието да му го достави составот и програмата за работа на новата Влада. Веднаш штом Собранието го добие предлогот на мандатарот почнува да тече нов рок од 15 дена во кој спикерот Џафери мора да ја закаже седницата на која ќе се избира Владата.
Игор Панов
