НАТО ја прекина воената соработка со Русија
Ќе се прават нови планови за одбрана за членките што се чувствуваат загрозено поради однесувањето на Кремљ во однос на моменталната состојба во Украина...

Министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО на вчерашниот состанок зад затворени врати во Брисел ја прекинаа цивилната и воената соработка со Руската Федерација. Им наредија на своите генерали да направат нови планови за одбрана за членките што се чувствуваат загрозено поради однесувањето на Кремљ во однос на моменталната состојба во Украина.
„Им наредивме на нашите воени команданти да направат дополнителни планови за да се зајакне нашата заедничка одбрана против секаков вид закана и агресија за Алијансата. Се согласивме и за натамошна поддршка за Украина. Ќе ги засилиме напорите за поддршка на украинските реформи и да ги направиме украинските сили попрофесионални и поефективни“, изјави Андерс Фог Расмусен, генерален секретар на НАТО.
Меѓудругото усвоени се и низа мерки кои вклучуваат можно зајакнување на воените инсталации во источните земји членки како Полска и балтичките држави. Воздушниот простор над Балтикот наското ќе почнат да го чуваат борбени авиони на НАТО, а најавени се и воздушни воени вежби. Во нив се вклучува и Шведска која не е членка на Алијансата. По состанокот е објавено и дека руското присвојување на Крим се оценува како нелегален чин.
Претходно рускиот претседател Путин се обиде да ја намали напнатоста тврдејќи дека издал наредба за повлекување на дел од трупите од границата со Украина, но и покрај тоа се верува дека таму се уште има десетици илјади војници. Кремљ постојано ги демантира обвинувањата дека има намера воено да интервенира во Украина и тврди дека на границата се одвиваат вообичаени воени вежби.
Вашингтон сепак притиска врз Берлин да се приклучи кон колективната осуда на Москва. Сепак, во Русија работат 6 илјади германски фирми кои остваруваат 40 милијарди евра годишно, такашто германските санкции ќе се одразат и врз инвестициите во Русија.
Марина Автовска
