Свет

Путин: Ќе бараме алтернативи ако не се исполнат барањата

27.12.2021 13:37

„Нѐ доведовте во безизлезна ситуација, доста е“, порача рускиот претседател Путин говорејќи за односите со западот и украинската криза. Доколку не бидат прифатени барањата за безбедносни гаранции, шефот на руската држава ќе бара алтернативни решенија. НАТО предлага средба на 12-ти јануари.

Рускиот претседател Владимир Путин изрази подготвеност за други опции доколку Западот не ги исполни барањата на Москва за безбедносни гаранции. Алтернативните решенија ќе зависат од предлозите на руските воени експерти, а нивната цел е да се постигне дипломатско преговарање. Меѓу другото, Москва инсистира да запре проширувањето на НАТО кон исток и Алијансата да не соработува со Украина и Грузија. Односите меѓу Русија и Западот повторно тргнаа по надолна линија поради зголеменото присуство на руската војска во близина на границата меѓу двете поранешни советски републики. Вашингтон и Киев го толкуваат ова како подготовка за инвазија, а Кремљ како неопходен чекор за заштита на безбедноста на Русија.

„Ако распоредат проектилен систем некаде во Украина, ракетите ќе може да стигнат до Москва за 4-5 минути. Тогаш каде да се преместиме ние? Тие не доведоа во позиција да им кажеме- доста е“, нагласи рускиот претседател, Владимир Путин.

САД сметаат дека дел од барањата се неостварливи, невозможни или суштински спротивни на западните вредности, но се согласија да започнат безбедносни разговори со Русија. Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предложи средба со Рускиот совет на 12-ти јануари. Доколку се оствари, тоа ќе биде првиот ваков состанок во две и пол години, а истиот и ќе се одржи на првиот ден од дводневниот самит на воените шефови на Алијансата во Брисел.

Русија го поседува најголемиот нуклеарен арсенал во светот, а нејзините воени сили се меѓу најмоќните во Европа.

Маја С. Филдишев