Судот е клиентелистички настроен спрема извршната власт, вели одбраната на Мијалков
„Сваровски судство заменето со кафанско правосудство, клиентелистички ориентирано спрема извршната власт“, обвинува одбраната на Мијалков кому скопскиот Кривичен суд му определи нов притвор од 30 дена за случајот „Плацеви на Водно“. Се најавуваат конкретни дејствија, поради како што велат, незаконското останување во притвор...

Одбраната на Мијалков обвини дека решението за притвор е по порачка и дека судот е клиентелистички настроен спрема извршната власт. Имаме спроведена гаранција која не можеме да ја избришеме, а имаме неправосилно решение на Основниот суд, но нашиот клиент е во затвор и се брои решението на Основен суд – нешто што го нема ниту во африканска земја, вели бранителот на поранешнито директор на УБК, Сашо Мијалков, адвокатот Звонко Давидовиќ.
Според бранителите на Мијалков, министерот со своето однесување го повредил уставниот принцип на поделба на власта. Тие ги отфрлаат шпекулациите како што велат дека парите со кои Мијалков дал гаранција не се од криминални дејствија. Во неа се, велат вклучени имоти и на други лица.
Во интервју за МТВ обвинителката Русковска посочи дека една од многуте причини за мерката притвор е можноста од бегство, нешто што според неа Мијалков го направил пред изрекување пресуда во еден друг предмет.
Таа додаде дека не се точни наводите за притисоци од власта за ваквото барање како и тоа дека не е одбраната таа која ќе оцени дали во една постапка има докази или не, туку судот.
Фиљана Кока
