Централен одбор на СДСМ

Потврда за номинацијата на Ковачевски, се очекува да биде објавено новото раководство

27.12.2021 14:43

Централниот одбор на СДСМ вечер треба да ја потврди номинацијата на Димитар Ковачевски за мандатар, кој треба да го формира новиот владин состав. По предлог на лидерот на партијата, Централниот одбор ќе го избира и новото раководство. Треба да бидат избрани четири потпретседатели. И Оливер Спасовски поднесе оставка од позицијата потпретседател на партијата...

Потврда за мандатар на новата влада на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, како и кадровски решенија за составување на владиниот кабинет од редовите на социјалдемократите се прашањата за кои ќе одлучуваат членовите на Централниот одбор на СДСМ.

На дневен ред е и избор на новото раководство на партијата, односно четворица нови потпретседатели, генерален секретар и Извршен одбор на СДСМ. Досегашните познати кадри Шекеринска, Царовска и Филипче веќе најавија дека не се гледаат во новиот владин состав, ниту пак како дел од раководството на партијата.

Покрај нив и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски поднесе оставка од функцијата потпретседател во партијата. Дали потпредседателот на Владата, Битиќи ќе остане на својата позиција во Владата и партијата, е прашање за кое од Бихаќка не сакаат да шпекулираат.

Предходно во СДСМ најавија дека ќе има кадровски освежувања, но и најави на новиот лидер Димитар Ковачевски дека во партијата се враќаат Андреј Петров и Игор Ивановски.

Во среда претседателот Стево Пендаровски ќе го врачи мандатот за состав на Владата. Најави дека нема да бара потписи од 61 пратеник за обезбедено парламентарно мнозинство. Потоа тече рокот од 20 дена во кој новиот мандатар треба до Собранието да ја достави програмата и персоналните решенија. Избор на новата влада се очекува во средината на јануари..

 

Марина Стојанова Тонева