Македонија

Над 200 лица десет години живеат во субстандардни услови во старото нервно одделение во Штип

27.12.2021 15:57

Објектите на старото нервно одделение во Штип се дом на околу 220 лица, од кои половината се деца. Живеат во субстандардни услови и веќе една деценија живеат во надеж дека ќе добијат услови за нормален живот. Со европски проект, идната година ќе се реши овој проблем, велат од локалната власт...

Откако пред една деценија пожар им ги пеплоса домовите, десетина ромски семејства беа времено сместени во објектот на старото нервно одделение на штипската болница. Десет години потоа, тие сѐ уште немаат трајно станбено решение. Сега старото нервно има над двеста станари од кои околу сто се деца. Годинава требаше да почне изградба на 47 типски куќи за овие лица, но реализацијата доцни заради сѐ уште необезбедена локација. Идната година ќе почне поставувањето, ветува градоначалникот на Штип.

Жителите на старото нервно одделение се надеваат дека овој пат ветеното и ќе се оствари.

Животот во руини носи здравствени ризици, деца без услови за едукација, проблем е и немањето лични документи без кои на околу половина од станарите им се недостапни социјалните услуги.

За лицата кои живеат во длабока сиромаштија во Штип и Берово во наредните две години ќе се реализира проект за нивно приближување до општинските, социјалните и здравствените услуги.

Славица Величковска