Ковачевски избран за мандатар, нова влада до средината на јануари
Избрано новото раководство на СДСМ, нови членови на Централниот одбор и нов Извршен одбор на партијата. Ковачевски нов мандатар за составување на владата...

Избрано новото раководство на СДСМ. Нови потпретседатели се Перо Костадинов, Стефан Богоев, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Фатмир Битиќи. Миле Зечевиќ е нов генерален секретар, а организационен е Вангел Андревски. Бојан Маричиќ ќе биде секретар за меѓународна соработка.
Сања Лукаревска останува заменик- претседателка на Социјалдемократите. Избрани и членовите на Извршниот одбор. Предлог на СДСМ за мандатар е Ковачевски. Најави нова влада до средината на јануари.
„Првата задача која ја има новото раководство е да состави нова влада и силно да се посветиме на спроведување на владините програми и политики. Јас сум оптимист дека новата влада предводена од СДСМ ќе ја избереме во средината на наредниот месец, до 18 јануари. Пред новата влада ги имаме менаџирањето на енергетската криза, економската криза предизвикана од пандемијата, како и продолжување на евроинтеграцискиот процес и преговорите со соседна Бугарија. Верувам дека можеме сите овие предизвици да ги надминеме со стабилна влада со мандат до 2024 година“, рече Ковачевски.
Според него, силен фокус ќе биде ставен на економијата, на ефикасна реализација на програмата и на капитални инвестициии, како и продолжување и зголемување на финансиска поддршка за сите граѓани и компании.
