Ковачевски најави нова влада до средината на јануари
Димитар Ковачевски предлог на СДСМ за нов мандатар. Најави нова влада до средината на јануари. Новите персонални решенија ќе ги објави непосредно пред нивниот избор. Според најавите од спикерот Џафери седницата за избор на извршната власт се очекува да се одржи на 15-ти и 16-ти јануари. Социјалдемократите го избраа и новото раководство...

Со нови членови во Извршниот и Централниот одбор на СДСМ, Димитар Ковачевски го почна претседателствувањето со партијата. Во среда претседателот Стево Пендаровски ќе му го довери мандатот за состав на нова влада.
Според најавите од спикерот Џафери, седницата за избор на извршната власт се очекува да се одржи на 15-ти и 16-ти јануари. Освен Сања Лукаревска, која ја задржа позицијата заменик- претседател, Бисера Костадинова-Стојчевска, Перо Костадинов и Стефан Богоев се новите потпретседатели. Фатмир Битиќи продолжува со уште еден мандат. Нов генерален секретар на партијата е Миле Зечевиќ, а секретар за меѓународна политика Бојан Маричиќ.
Во политиката се враќа и Игор Ивановски, ќе биде претседател на партискиот совет за креирање и имплементација на политики. Во извршниот влегува и поранешниот пратеник Андреј Петров.
По повлекувањата на неколку министри, Ковачевски најави дека новите персонални решенија ќе ги објави непосредно пред нивниот избор. Ковачевски се надева на полн мандат до 2024-та. Пред новата влада стојат предизвиците за менаџирање со енергетската криза, пандемијата, евроинтеграциите и преговорите со Бугарија.
Во однос на партијата Ковачевски уверува дека СДСМ ќе се менува и унапредува преку систем кој ќе им служи на граѓаните.
СДСМ започнува ново поглавје во својата историја. Имаме нов тим, сила и енергија за да одговориме на сите предизвици. Очекувањата се големи и одговорноста е голема. Мора да го вратиме чувството за правда и правичност во општеството, изјави Ковачевски.
Миле Ристески
