Македонија

Нова опрема и дидактички материјали за потребите на училиштето „Златан Сремец“

28.12.2021 12:34

Во училиштето „Златан Сремец“, промовирана нова опрема дидактички и сензорни уреди и алатки, кои поддржуваат 12 типа на услуги кои училиштето ги испорачува како ресурсен центар...

Инклузијата во образованието не е чин кој може да се заврши со една активност или пак во неколку чекори и за одреден временски период. Тоа е процес кој континуирано трае, а за чие спроведување и унапредување одговорноста е заедничка на сите општествени чинители и таа постојано се подигнува, што гарантира подобра иднина за секој ученик со било каква попреченост да може да го развива и реализира својот потенцијал.

Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска за време на денешната посета на основното училиште со ресурсен центар „Д-р Златан Сремец“ каде беа промовирани нова опрема, дидактички и сензорни уреди и алатки наменети за поквалитетно образование на учениците со попреченост.

„Задоволна сум што во последните 3-4 години значително е зголемена општествената одговорност, но и инвестициите за подигнување на степенот на инклузивност на националниот образовен систем и очекувам така да биде и во следниот период, затоа што секое дете заслужува еднаков пристап до квалитетно образование согласно личните потреби. Отстапки можат да постојат за било што друго, но никако за прашања поврзани со најдобрите интереси на учениците“, рече Царовска.

Министерката истакна дека во оваа тековна година посебните училишта се трансформираа во основни училишта со ресурсни центри кои даваат сериозна поддршка на општинските основни училишта каде има инклузирани ученици со посебни потреби, а потсети и дека за прв пат ангажирани се 500 образовни асистенти кои се обврска на државата и за нивниот ангажман средствата целосно се обезбедуваат преку буџетот на МОН.