Австралија

Стотици луѓе добиле погрешни ковид резултати

28.12.2021 13:24

Пропустот бил поради грешка во обработката на податоцити. Дел од тестираните се загрижени дека можеби несвесно ги заразиле своите најблиски за време на божќикните празници.

Стотици луѓе во Сиднеј добиле негативни резултати на тест за Ковид-19 и покрај тоа што биле позитивни на вирусот. Пропустот бил поради грешка во обработката на податоцити. Дел од тестираните се загрижени дека можеби несвесно ги заразиле своите најблиски за време на божќикните празници.

„Она што е важно е таквите грешки да не се повторат. Добрата вест е што грешката беше детектирана и луѓето на кои им беа дадени тие неточни податоци сега се информирани. Јасно е дека таквите грешки се неприфатливи и треба да се осигураме дека тоа нема да се повтори“, изјави Доминик Перотет, премиер на Нов Јужен Велс.

Лабораторијата се извини за грешката, која погоди 886 луѓе.

„Добиваме 150.000 тестови дневно. Во Викторија и Нов Јужен Велс и нашите патолошки тимови прават се што можат и знам дека е тешко. Затоа сакам повторно да истакнам, ако не се чувствувате лошо, ако не се бара да направите тест, ве молиме не се редете и не го заземајте местото на некој кој не е добро или треба да направи тест“, нагласи Перотет.

Австралиските држави Викторија и Квинсленд пријавија досега најголем број нови инфекции во последните 24 часа. Дел од нив се со новата варијанта Омикрон. Австралискиот министер за финансии побара да се воведат брзи антигенски тестови за патниците кои патуваат меѓу австралиските држави наместо ПЦР тестови, кои се поскапи и бараат подолго време за да се добијат резултати.

Марина Ристова