Енергетска криза

ЕСМ: Ќе нема рестрикции на струја, сите капацитети се ставаат во функција

28.12.2021 14:41

Вториот котел на ТЕЦ Неготино ќе стартува во јануари и ќе работи до април. Во моментов термоелектраната произведува 2 милиони киловат часови електрична енергија дневно. Ги ставаме сите капацитети во функција за да може да обезбедиме континуитет во испораката на струја, вели првиот човек на АД ЕСМ, Ковачевски.

Од 18-ти декември започна со работа ТЕЦ Неготино, половично со еден котел, вториот се најавува дека ќе започне со работа од средината на јануари. Надлежните тврдат, ова ќе придонесе, за разлика од регионот каде веќе има рестрикции, во Македонија да нема, бидејќи целиот расположлив капацитет за производство во земјава, бил или ќе биде ставен во функција.

Тој уверува дека граѓани и малите потрошувачи не смее да имаат рестрикции. Преку јавен повик од АД ЕСМ до добавувачите кои имале лиценца за набавка на мазут, ТЕЦ Неготино беше снабден со 38 илјади тони мазут, кој ќе ги покрие потребите за производство на електрична енергија, до средината на јануари. Во јануари ќе се организира нов јавен повик, но тогаш за набавка на мазут за четири месеци, со кој ќе термоелектраната ќе работи во текот на грејната сезона.

Директорот на ТЕЦ Неготино вели дека во целост ќе го исполнат договорот кој го имаат со АД ЕСМ за испорака на електрична енергија.

Термоелектраната не работеше од 2009-та година а таа има моќност на производство на струја од 195 до 215 мегавати.

Петар Печков