Македонското радио 77 години во етерот
77 години откако на 28-ми декември 1944-та година, беше означен почетокот на работата на Македонското радио. 20 години подоцна, од студиото во Нерези е емитуван и првиот телевизиски дневник. На јавниот сервис се емитува програма на девет различни јазици. Новинари, спикери, монтажери, продуценти, режисери, секојдневно, 24 часа на ден, учествуваат во создавањето програма, достојна за национален медиум…

„Зборуе Радио Скопје, драги слушатели, од салата на Собранието вршиме директен пренос на Второто заседание на Антифашистичкото собрание на Народното ослободување на Македонија…“ Овие зборови на Владо Малески за првпат одекнаа во ослободената татковина низ етерот, на македонски јазик.
По 77 години Македонското радио останува да сведочи за сите историски и општествени случувања во државата. Вработените се нејзиниот столб, кои и во време на пандемија, страв и неизвесност – верни на професијата, остануваат да бидат глас на народот.
20 години подоцна од импровизираното студио, со две маси за спикерите и најавувачката, со две камери, во живо почна да се емитува првиот Дневник. Условите се менуваа, но новинарите во информативната редакција останаа доследни на пионерите во МТВ. Го наследија објективното, точно и квалитетно информирање, а во оваа пандемска година повеќе од кога било се соочени со предизвици.
Далечната ’65-та се прави и првиот телевизиски пренос од градскиот стадион во Скопје. „Вардар“ ја победува „Црвена ѕвезда“ со два спрема нула, а преносот го коментира Атанас Костовски. Оттогаш на МТВ ги славевме најголемите спортски успеси.
Во време на новата реалност, МТВ останува на висина на задачата да се бори со лажните вести.
Викторија Милевска
