Печалбарите се вратија дома за празниците
Над 40.000 македонски државјани за неполна седмица влегле во земјава од граничниот премин Табановце. Низ градовите веќе може да се забележи зголемена фреквенција на возила со странски регистарски таблички. Метеж има и низ трговските објекти. Печалбарите вообичаено во земјава остануваат до Божиќ.

Печалбарите се вратија дома за новогодишните и божиќните празници. За неполна седмица само од граничниот премин Табановце во земјава влегле над 40.000 македонски државјани. Од полноќ пак до 11 часот се вратиле околу 900 граѓани.
На граничниот премин Табановце и денеска можеше да се забележи проток на патници кои што влегуваа во земјава. Повеќето од нив беа странски државјани.
Граѓаните кои што влегуваа во земјава за македонската телевизија раскажаа дека празниците ќе ги поминат овде, со своите блиски.
„Доаѓам од Австрија, празниците ќе ги поминам овде, супер поминав на одредени граници имаше малку гужви. Овде ќе влезам со негативен тест“-вели еден државјанин.
„Јас доаѓам од Штудгард, Германија, неколку дена ќе сум тука за празниците, добро ги поминав границите немаше метеж се помина во најдобар ред, мислам дека и овде нема да се задржиме многу“, дополни друг.
Со враќањето на времено вработените во странство освен во градовите поголема е сообраќајната фреквенција и на автопатите и регионалните патишта. Низ Куманово деновиве може да се забележи зголемена фреквенција на возила со странски регистарски таблички. Оваа бројка се очекува да биде уште поголема наредните денови. Метеж има и во трговските објекти, на плоштадот.
„Има метеж по продавниците тоа е нормално сега се празниците, печалбарите се вратија, ќе донесат некој денар ќе заврши тука во градот ние сите се радуваме за тоа“, вели еден кумановец.
„Има раздвижено и сум среќна што е убаво и времето“, нагласува друга кумановка.
„Има но не толку како што беше некогаш, пораздвижено и нормално“, дополнува трета кумановка.
Вообичаено печалбарите во земјава остануваат до Божиќ, по што се враќаат во земјите каде што живеат и работат.
Елена Георгиевска
