МОСКВА

Полјански: Ние не дојдовме на границата на НАТО, НАТО дојде кај нас

29.12.2021 12:35

„Ние не дојдовме на границата на НАТО, НАТО дојде кај нас“, порача рускиот амбасадор во Обединетите Нации, Полјански. Москва и натаму во неизвесност од одлуката на САД и НАТО за безбедносните гаранции кои претходно ги побара шефот на руската држава Путин. Пентагон одлучи да го остави американскиот носач на авиони во Средоземјето кој веќе требаше да тргне кон Персискиот залив.

„Западот на претстојните преговори нема да се извлече со празни зборови, Русија сака сериозни гаранции за безбедноста од Америка и НАТО“, предупреди рускиот амбасадор во Обединетите Нации, Дмитриј Полјански. Минатата недела претседателот Владимир Путин побара безбедносни гаранции од НАТО дека нема да се шири кон истокот на Европа и дека нема да воспостави безбедносна соработка со Украина. Од руското МНР соопштија дека доколку не добијат одговор, ќе следува нова рунда конфронтации.

„Ние не дојдовме на границата на НАТО, НАТО дојде кај нас. Поради тоа, нашата загриженост е оправдана.  Ова е наша суверена територија, имаме право да ги разместуваме трупите, да ги распоредуваме, да изведуваме вежби. Ова е наше право, и не мора да даваме извештај никому“, изјави Дмитриј Полјански, амбасадор на Русија во ОН.

Кризата меѓу Москва и Киев која почна откако Русија го зголеми военото присуство на границата со Украина се смета за една од најголемите закани за европската сигурност во моментов. Последните случувања ќе бидат тема и на 10 јануари, кога САД ќе одржат преговори со Русија, по што ќе следи состанок со НАТО, а потоа и преговори во рамките на Организацијата за европска безбедност и соработка основана во Студената војна за поттикнување на дијалогот меѓу Истокот и Западот.

Во меѓувреме, американскиот министер за одбрана Лојд Остин одлучи да го остави во Средоземјето носачот на авиони кој требаше да тргне на мисија во Персискиот Залив. „Хари Труман“ вплови во Медитеранот на средината на месецов и сега оперира во Јонско Море меѓу Грција и Италија. „Планот се смени за да се осигураат европските сојузници дека САД се посветени на регионалната безбедност“, изјавија од Пентагон. 

Маја С. Филдишев