Локална самоуправа

Општините бараат Владата да ги субвенционира сметките за струја

29.12.2021 13:18

Дистрибутерите на електрична енергија еднострано ги раскинуваат договорите со општините заради неколкуктратниот пораст на цената на светските берзи. Општините бараат субвенции од владата за да бидат ликвидни. Доколку нема помош од централната власт, ќе се доведе во прашање нормалното водоснабдување, уличното осветлување и снабдувањето со струја на училиштата и градинките...

Неколку општини кои со електрична енергија се снабдуваат на слободниот пазар, се соочуваат со еднострано раскинување на договорите од страна на снабдувачите, заради тоа што цената на светските берзи е за три до четири пати повисока од договорената со општините. Ова силно ќе се одрази врз ликвидноста на општините затоа од владата бараат субвенционирање на разликата во цените.

Доколку општините бидат оставени сами на себе, цените на услугите на јавните претпријатија ќе поскапат и ќе се сервисираат само основните долгови.

Во Општина Штип најголем потрошувач на електрична енергија е јавното претпријатие „Исар“ кое плаќа милионски суми за пумпање на водата од бунарите до филтер станицата. Локалната власт обезбедува електрична енергија и за улично осветлување за градинките и за училиштата.

Славица Величковска