Пендаровски му го врачи мандатот на Ковачевски
Претседателот Стево Пендаровски денеска му го врачи мандатот на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Почнува да тече рокот за составот и за програмата на новата влада...

Претседателот Стево Пендаровски денеска му го врачи мандатот на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. Почнува да тече рокот за составот и за програмата на новата влада.
„Согласно член 84 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија, и известувањето за предлогот за мандатар доставено од СДСМ, а поддржано од политичките парии на коалицијата, кои заедно го имаат мнозинството пропишано со Уставот, за мандатор за состав на владата го определувам господинот Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ“, рече Пендаровски.
Ковачевски најави дека во фокусот на неговиот кабинет ќе бидат економијата, заштитата на здравјето на граѓаните и нивна финансиска поддршка, како и евроинтеграциите. Вети, отфрлање на внатрепартискиот клиентелизам и функционирање на правната држава.
Моја лична заложба е да ја вратиме довербата на граѓаните во институциите. Секоја минута од нашето време ќе биде поосветена на клучните проблеми како економската несигурност и економската нестабилност- нагласи Ковачевски.
Во рок од 20 дена Ковачевски треба да го дефинира составот на Владата, како и програмата по која таа ќе работи, и да го достави до Собранието.
За да биде избран, за предложениот владин кабинет на Ковачевски треба да гласаат најмалку 61 пратеник во Парламентот. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.
