Прашањето со Бугарија останува клучно за МНР
Решението со Бугарија е во мултиперспективниот пристап на отворените прашања, оцени шефот на македонската дипломатија Османи на предновогодишниот брифинг за медиумите. Објави дека предлозите од наша страна за решение, се доставени и на новата бугарска влада, но одговор сѐ уште нема. Секое одложување е штетно, но нема друга алтернатива освен членство во ЕУ, вели Османи...

Останува ветото на Бугарија за почеток на преговорите, констатира шефот на дипломатијата Османи. Открива дека минатиот декември тогашната бугарска влада предложила договор со кој македонскиот јазик е бугарски, а нацијата потекнува од бугарската. Ова веднаш било одбиено како неприфатливо. Оттогаш сменет е ставот на официјална Софија, што, Османи го гледа како можност за решение догодина. Напредок е што сега наместо идентитетски и историски прашања, Софија се пренасочила на правата на бугарската заедница во земјава. Околу барањата на Софија за дијалог по работни групи, на новата бугарска влада ќе им соопштиме дека тие веќе постојат, и работат на приближување на ставовите, вели Османи.
Времето не е наш сојузник, смета Османи, бидејќи одложувањето е во наша штета. Затоа првиот човек на МНР и идната година ќе инсистира на кратки рокови за решение за што поскорешен почеток на преговорите.
Можно решение за разликите со бугарија е прифаќање на, како што кажа Османи, мултиперспективен пристап за отворените прашања. Внесување на бугарската заедница во Уставот ќе се случи заедно со хрватската и со црногорската пред членството во ЕУ, посочи Османи.
Покрај отстранување на бугарското вето, македонската дипломатија догодина ќе работи и на активности во рамки на ООН, ОБСЕ, НАТО, и регионалните иницијативи, засилување на соработката со стратегиските и пријателски држави, како и на засилување на составот на дипломатските претставништа и на контактите со дијаспората.
Ирина Гелевска
