Град Скопје

Арсовска најави вонредни инспекции и високи казни за загадувачите

29.12.2021 14:26

Од утре престануваат да важат вонредните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот во Скопје. Градоначалничката Арсовска на брифинг со новинарите кажа дека мерките дале разултат. Од утре се укинува бесплатниот автобуски превоз. Арсовска најави засилени инспекциски контроли на индустриските капацитети и високи казни за загадувачите...

Утринава мерните станици во Скопје светнаа зелено. По два дена откако беа воведени мерките против загадувањето на воздухот, концентрацијата на ПМ 10 честичките паднаа под 100 микрограми. Од утре тие престануваат да важат, се укинува и бесплатниот јавен превоз, информираше на брифинг со новинарите градоначалничката Арсовска. Според неа мерките дале резултати, а загадувањето, вели е системски проблем за кој одговорност има и централната власт. Најави вонредни инспекции на индустриските капацитети и високи казни за загадувачите.

„Самите услови налагаат дека централната власт треба посериозно да преземе мерки врзани за она коешто го гледаме сега, а коешто е извесен аларм. Ние нашите препораки ги издадовме. Во наредните два месеца ќе имаме повеќе надзори отколку во изминативе неколку години наназад. Изминативе две години направени се само 5 надзори за животна средина. Во овој момент, постојано контролираат инспекциските служби и се изрекуваат глоби, за фрлање на отпад и градежен шут, за горење на отпад. Службите се постојано на терен“- вели градоначалничката Арсовска.

Од СДСМ ја обвинија Арсовска дека со укинувањето на мерките покажала, како што рекоа, неспособност и аматеризам. Од партијата, велат дека за три пати е намален буџетот за секторот за животна средина и средствата за набавка на инвертори.

„Исто така ги укинува и девалвира добрите еколошки проекти воведени од градоначалникот на СДСМ, Петре Шилегов. Со ваквиот пристап Арсовска не го решава проблемот со загадувањето на воздухот во главниот град, нема ниту знаење, ниту способност за тоа и покажува неспособност и аматеризам“, стои во соопштението од СДСМ.

Арсовска пред новинарите го презентираше и предлог- буџетот за наредната година. Ќе продолжат и проекти од претходната администрација. Најави изградба на кружниот тек кај Сарај, Луна паркот да почне да функционира по завршувањето на летото, уредување на целиот тек на реката Вардар, изградба на пет мега паркови.

 

Викторија Милевска