Политика

Мицкоски: Ковачевски да излезе на избори за да добие кредибилитет и легитимитет од народот

29.12.2021 16:05

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на новиот мандатар му порача да излезе на избори и како што рече, да добие кредибилитет и легитимитет од народот. Подготвен е да се сретне со новиот претседател на СДСМ, Ковачевски доколку добие покана. Според првиот човек на БЕСА, Касами, новата владата ќе биде со краток рок на траење...

Македонија продлжува да биде заробената држава со хибриден режим, коментар на претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Мицкоски по одлуката на претседателот Пендаровски мандатот за состав на владата да му го даде на новиот лидер на СДСМ, Ковачевски.

Вели, мандатот се дава на лице кое не учествувало на избори, додека пак, ВМРО- ДПМНЕ има најголема пратеничка група во Собранието и најголем број на градоначалници и советници. Од новото раководство на СДСМ, Мицкоски не очекува пресврт, туку продолжување на политиките на како што рече – неуспесите, немањето стратегија и заевизмот кој жестоко беше поразен на локалните избори. Покана за средба со Ковачевски би прифатил, со порака да излезе на избори.

Идентична порака за предвремени парламентарни избори и од првиот човек на БЕСА, Касами. Вели, иако една година бевме дел од владината коалиција, трпевме постојан притисок што резултираше со прегласувањето во Желино, а она што се случи со пратеникот Реџепи беше дефинитевн доказ дека нема повеќе што да бараме во таа колација.

Ставот дека владата нема легитимитет и барањето за предвремени парламентарни избори го делат и во Алијанса за Албанците. Првиот човек на Алијанса, Села вели – ниту еден од тројца главни актери во власта нема легитимитет.

ВМРО- ДПМНЕ, БЕСА и Алијанса за Албанците веќе се во координација, а наскоро ќе се планираат и поконкретни чекори за делегитимирање на оваа власт, најавија од БЕСА.

 

Марија Котовска