Делницата Охрид- Кичево несигурна на возачите
Патната делница Охрид- Кичево каде што со години наназад се одвива изградбата на автопатското решение е исклучително опасна поради што од СВР Охрид апелираат за внимателно возење за време на празниците. Со цел да се зголеми безбедноста во овој период од годината охридската полиција презема повеќе активности и контроли долж овој патен правец бидејќи во изминатите години се случија десетици сообраќајни незгоди …

Со почетокот на изградбата на автопатот Охрид-Кичево во 2014-тата патувањето до најголемиот македонски туристички центар е вистински предизвик дури и за професионалните возачи. Особено тоа се чувствува за време на празниците кога се интензивира фреквенцијата на возила што придонесува за зголемување на сообраќајните незгоди. Поради тоа од охридската полиција најавија дека во текот на новогодишните и божиќните празници ќе бидат зачестени.
„Целта е да се зголеми сообраќајната безбедност, да се намалат бројот на сообраќајните незгоди и во таа насока апелирам до сите учесници во сообраќајот,до сите оние возачи кои претстојните празници ќе ги поминат тука во Охрид исклучително внимателно да управуваат на овој патен потег“, изјави Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид.
Дека овој потег на сообраќајната полиција не е без причина говорат и статистичките податоци кои покажуваат дека е опасно да се управува моторно возило на оваа патна делница.
„Во периодот од 2014-2021 година на патниот потег Охрид- Кичево случени се 17 сообраќајни незгоди во коишто 37 лица се повредени и 4 лица го загубиле животот. Од тука полициската станица за безбедност на патниот сообраќај посветува исклучително внимание на овој патен потег“, вели Димоски.
Сообраќајните контроли за време на празниците ќе бидат зголемени и во градот но и на патиштата кои водат до хотелите со што ќе се намали можноста од прекршување на сообраќајните прописи од несовесните возачи, од кои дел управуваат под дејство на алкохол.
Сашо Нелоски
