Градоначалникот на Кисела Вода најави борба против урбаната мафија
Борба против урбаната мафија и ревизија на деталниот урбанистички план за Расадник и за Црниче најавува градоначалникот на Кисела Вода. Ѓорѓиевски вели-никој што бесправно гради нема да биде поштеден …

Одлучна борба против урбаната мафија, најави градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Тој на прес-конференција рече дека од вкупно 53 урбанистички планови, 20 биле објавени, 33 се чувале во фиока. Новата локална администрација утврдила многу грешки, како и постапки каде што се градело без дозвола, рече Ѓорѓиевски, кој најави дека таквите градби ќе ги урнат. „Тие што давале мито нека ја бараат правдата во полиција“, рече градоначалникот.
„Стопиран е и планот за Расадник, за изградба на 99 згради, на барање на граѓаните заклучно со февруари ќе биде објавен меѓународен конкурс за изработка на идејно решение за изградба на ДУП, по што најдоброто решение ќе го изберат граѓаните“, нагласи градоначалникот Ѓорѓиевски.
Стопирани се и плановите за населбите Припор, Пржино, Црниче во реонот познат како Балаклија. Во рамки на проектот за борба против урбаната мафија, Ѓорѓиевски рече дека е започната ревизија на 34 планови, коишто се во различна фаза на реализација.
Марина Стојанова-Тонева
