Струјата за домаќинствата поскапува за 9,48 проценти
Струјата за домаќинствата поскапува за 9,48 проценти. Од први јануари се укинува дневната евтина тарифа. Евтините тарифи во текот на ноќта и во недела остануваат и никогаш не биле доведени во прашање, вели првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Бислимоски. Најави дека утре ќе се знае цената на парното...

Преку елиминирање на повеќе трошоци што влегуваат со околу 100 милиони евра во трошковникот, Регулаторната комисија за енергетика успеа да искалкулира зголемување на цената на електричната енергија од 9,48%, наместо од компаниите бараните 38%. 25 милиони евра за обновливи извори се тргнати од трошоците, како и 21 милион евра од профитите на МЕПСО и на Електро дистрибуција. ЕСМ ќе ја обезбеди целокупната потребна струја за домаќинствата, но жртвувана е евтината дневна тарифа од 14 до 16 часот.
„РКЕ донесе одлука со која го промени тарифниот систем и од 1 јануари се укинува дневната евтина тарифа. Евтината тарифа во текот на ноќта и во недела остануваат и никогаш не биле доведени во прашање. Само за информација заради зголемен увоз во период на важење на дневната евтина тарифа на дневно ниво,поради екстремно високите цени, овој увоз не чини 100.000 евра. Со оваа одлука на РКЕ,кое доколку не се укинеше евтината дневна тарифа зголемувањето наместо 9,48 ќе изнесуваше 14,23%“, изјави претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
Бислимоски најави блок тарифи,за да се заштитат дополнително оние што трошат помалку струја и ќе плаќаат по пониска цена. Што се однесува до парното Бислимоски појасни дека сè уште се прават пресметките. БЕГ набавува на месечно ниво преку трговци со природен гас и цената за јануари е 1.480 долари за 1000 нормални кубни метри гас, односно 6 пати е повисока од регулираната цена утврдена лани.
„Тоа што го мислев за електричната енергија го мислам и за топлинската енергија. Драстичното зголемување на цената не е опција ниту решение, бидејќи во тој случај голем број граѓани би се исклучиле од системот за топлинска енергија во градот Скопје и на тој начин би почнале да користат електрична енергија за загревање“, вели Бислимоски.
Регулаторна очекува поддршка од Владата, Градот Скопје и од општините за амортизирање на енормниот раст на трошоци за топлинска енергија. Новата цена на парното ќе биде соопштена утре,најави Бислимоски.
Свето Николовски
