Ковид-19

Досега потврден само еден случај на Oмикрон во државата

31.12.2021 09:36

Со секвенционирање на вирусот SarsCoV2 досега сојот Oмикрон е детектиран само кај еден пациент кој во државата пред извесно време се вратил од Велика Британија, соопшти синоќа Министерството за здравство, посочувајќи дека утврдување на присуство на сој на корона вирусот се врши единствено и исклучиво со секвенционирање...

Досега во државата е потврден само еден случај на Oмикрон, соопшти синоќа Министерството за здравство, кое ја демантираше веста за нов потврден случај на овој сој на корона вирусот во Струга.

Со секвенционирање на вирусот SarsCoV2 досега сојот Oмикрон е детектиран само кај еден пациент кој во државата пред извесно време се вратил од Велика Британија, соопшти синоќа Министерството за здравство, посочувајќи дека утврдување на присуство на сој на корона вирусот се врши единствено и исклучиво со секвенционирање, додека ПЦР тестирањето може да биде само индикација, но не и потврда дека пациент е заразен со сојот Oмикрон на Ковид-19.

Досега на ПЦР тестови кај тројца пациенти позитивни на Ковид-19 е детектиран S-gene dropout, но нема извршено секвенционирање, односно нема потврда дека се заразени со Oмикрон. Тестирањата им се направени во приватна болница, а станува збор за пациенти од Прилеп, Велес и Струга. На пациентите им е направена епидемиолошка анкета и согласно протоколите во изолација се ставени лицата со кои биле во контакт, се додава во соопштението.

Министерството за здравство воедно апелира од воздржување и давање паушални изјави и непроверени информации, кои ги доведуваат граѓаните во заблуда и шират паника меѓу населението.

Првиот случај на омикрон во државата, беше регистриран минатиот петок.

Во текот на претходното деноноќие беа евидентирани нови 373 случаи со Ковид-19 од направени 5.489 тестирања или 6,7 отсто. Пријавени вкупно 18 починати лица, во изминатите 24 часа 12 и шест со датум на смрт од 03.12. до 21.12.2021 година. Регистрирани се и 320 оздравени пациенти, соопшти Министерството за здравство.

Од новозаразените 373, најмногу се во Скопје – 196, Битола 36, Охрид 20, Кавадарци 18, Прилеп 17 и други.

Досега во земјата се направени вкупно 1.591.522 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 224.507, бројот на оздравени пациенти е 211.548, на починати е 7.953, а на активни случаи изнесува 5.006.