Енергетска криза

Цената на парно греење во Скопје се зголемува за 14 проценти

31.12.2021 13:45

Цената на парно греење во Скопје се зголемува за 14 насто, реши Регулаторната комисија за енергетика. Претседателот на комисијата Бислимовски побара од Владата и од општините да се вклучат во поддршката за плаќање на зголемените трошоци. Причината за растот е значително повисоката цена на природниот гас на светските берзи...

За 14 проценти поскапува парното греење во Скопје. Од јануари 60.000 домаќинства ќе добиваат повисоки сметки. Од Регулаторната комисија за енергетика велат и покрај барањата на компаниите за поголемо поскапување, не дозволиле да има ценовен шок што ќе падне на товар на граѓаните.

Зголемувањето на цената на топлинската енергија е поради растот на цената на природниот гас на берзите која е највисока досега. Бислимовски уверува дека кога ќе се стабилизира цената одлуката ќе биде ревидирана. Апелираше до Владата, Градот Скопје и општините да обезбедат финансиски помош за најранливите категории.

За ЕСМ Енергетика и Топланата Скопје Север набавен е гас, а потребните количества за првите 15 дена ги има и БЕГ. Бислимовски вели крајна опција е топланите на неколку дена да се префрлат на мазут што не се препорачува од еколошки аспект.

Од Регулаторна веќе објавија дека со почетокот на новата година цената за струјата се зголемува 9,8 проценти и се укинува дневната ефтина тарифа.

 

Викторија Милевска