Светски економски форум: Македонија на 63-то место според олеснување на трговија

02.04.2014 12:05

Македонија најдобро е рангирана според пристапот до пазарите на 23-то место со индекс 4,3...

Од вкупно 138 земји, Македонија е рангирана на 63-то место во најновиот Извештај за олеснување на трговијата за 2014 година, што го објавува Светскиот економски форум. Индексот на Македонија од скалата од 1 до 7 е 4,1.

Овој индекс аналитичарите на Светскиот економски форум го пресметуваат преку критериумите како отвореност на пазарот, грaничните процедури, развиеност на инфраструктурата и оперативно окружување, односно пристап до домашниот пазар, пристап на странските пазари, ефикасност и транспареност на граничната администрација, достапност и квалитет на транспортната инфраструктура и транпортните услуги.

Македонија најдобро е рангирана според пристапот до пазарите на 23-то место со индекс 4,3, на 85-то место е според ефикасност и транспарентност на гранични процедури, на 85-то место според инфраструктурата и 43-то место според оперативното опкружување.

Од земјите во регионот Србија е после Македонија, рангирана на 89-то место, Босна и Херцеговина на 78-то, Хрватска на 56-то, Црна Гора на 49-то и Словенија на 38-то место.

На врвот на листата, очекувано, се наоѓаат Сингапур и Хонг Конг.