Куманово без новогодишна програма ќе ја дочека 2022-ра
Кумановци и годинава не ја почувствуваа новогодишната атмосфера. Општината одлучи поради енергетската криза градот да не се украсува и да изостане новогодишната програма. Средствата се пренаменија за енергетско-ефикасен проект. Куманово и лани не беше новогодишно украсено.

Без новогодишна програма кумановци ќе ја дочекаат новата 2022 година. Повторно изостана и новогодишното украсување на централното градско подрачје. Општината одлучи поради енергетската криза предвидените средства, од околу два милиони денари, да се пренаменат за енергетско-ефикасен проект.
„Ќе се пренаменат во правање на сончеви панели на градскиот базен“, истакна Ивана Ѓорѓиевска, претседателка на Совет на Општина Куманово.
Единствено што асоцира на новогодишна атмосфера е старата елка, која што традиционално се поставува на градскиот плоштад.
Наместо традиционалните лампиони и светилки, годинава дел од кумановскиот плоштад го красат креации кои што ги подготвија ученици заедно со наставници по ликовно воспитување. Истите се изработени од хартија, пластика и друг материјал, но дел од нив веќе се уништени.
Кумановци со поделени мислања, некои се согласуваат со одлуката Днема новогодишна програма и украсување и средствата да се пренаменат. Други пак негодуваат посочувајќи дека нема празнична атмосфера во градот.
„Мислам дека тоа не е во ред Куманово не заслужува ваква слика за Нова година“, вели еден кумановец.
„Тие најдобро знаат и финасиската состојба и се што се случува, дома ќе си создадеме празнична атмосфера“, вели еден граѓанин.
„За празнична атмосфера за деца, но се надеваме дека ќе се пренаменат на ќе заминат во друго“, нагласи трет.
„Би требало да е, да штедиме струја, ни недостасува атмосфера, се согласувам малку скромно, да почнеме да штедиме“, дополни кумановка.
И минатата година Куманово беше без новогодишно украсување поради пандемијата предизвикана од Ковид кризата. Средствата тогаш се насочија за набавка на таблети за следење на онлајн настава за учениците. Но иако градот не организира новогодишна програма, дочек ќе има во неколкуте ресторани и кафулиња. Овој пат прославите ќе бидат според ковид протоколите.
Елена Георгиевска
