Свет

Светот ја дочекува 2022-ра во пандемиски услови

31.12.2021 13:29

Втора година по ред, светот ја дочекува новата година во пандемиски услови. Некои земји се откажаа од традиционалните прослави, други организираа огномети и собири и покрај зголемените бројки на заразени. 2022-ра година пристигна на Кирибати и Самоа во Тихи Океан. Последни ќе ја пречекаат американските острови Бејкер и Хауленд.

Пацифичките острови Кирибати и Самоа први ја дочекаа 2022 година. Поради пандемијата, и овој пат празнувањето се одвива во поинакви услови. Жителите на Окленд, Нов Зеланд, наместо огномет годинава добија само светлосно шоу над Небесната кула. И покрај рекордните бројки на новозаразени, во делови од Австралија беше организирана прослава. Сиднеј не се откажа од спектакуларниот огномет.

„Сиднеј ја прославува новогодишната ноќ како ниеден друг град во светот, но годинава е малку поинаку. Сега ја славиме истрајноста. На улиците годинава има помалку народ зашто се грижат за здравјето и свесно одлучија да останат дома“, изјави Стјуарт Ерз, министер за туризам на Нов Јужен Велс.

Голем пиротехнички спектакл се подгтовува и во Португалија.

„Имаме 27 бази со огномет во амфитеатарот Фунчал, 25 на брегот и 5 на море. На островот Порто Санто имаме две единици. Сето ова ќе ни обезбеди 100 илјади испукувања.“

Владата на Обединетото Кралство убедува – 2021 беше подобра од 2020 благодарение на успешната имунизација на населението.

„Постои една причина, една главна причина зошто Британија успеа да остане најотворената економија и општество во Европа. Британците одговорија херојски, доброволно, и во неверојатен број на повикот за вакцинирање“, изјави премиерот Џонсон.

Во новата календарска година последни влегуваат американските острови Бејкер и Хауленд.

Маја С. Филдишев