Честитки од политичарите до граѓаните
Повици за сплотеност, обединетост и желби за напредок во новогодишните честитки на државниот врв...

Пожртвуваноста, солидарноста и одговорноста на здравствените работници, спасувачките служби, волонтерите и другите луѓе со добра волја кои ги премостуваа етничките, верските, политичките, социјалните разлики за да им помогнат на оние на кои им беше потребно, се нашите херои за оваа година – порача во Фејсбук пораката шефот на државата Пендаровски.
Дочекувајќи ја Новата 2022 година, да се свртиме кон надежта и вербата кои ќе ни помогнат да изградиме просперитетно општество во кое сите ќе бидеме еднакви пред законот. Општество кое ќе се грижи за послабите, ќе ги вреднува и наградува доблесните, во кое младите ќе сакаат да останат и да се остварат во својата држава, рече Пендаровски.
Со огромна доза оптимизам се охрабрувам дека 2022 нема да биде во ниту еден сегмент како претходната, да вложиме несебичен труд и да ги надминеме рамките што нè ограничуваат – оценува спикерот на македонското Собрание, Џафери.
Непоколебливо сум уверен и во тоа дека, заедно со вас, и јас сум припадник на една генерација којашто не е само дел од историјата, туку дека сме автори на некои од нашите најважни историски страници од македонската сегашност и македонската иднина – вели премиерот во оставка Зоран Заев.
Се изборивме да нѐ прифатат како држава со јасен национален идентитет затоа што македонската граѓанска идеја е во секој пулс на срцето на секој Македонец и секоја Македонка и на секој еден граѓанин на нашата заедничка Северна Македонија, нагласи Заев.
Зад нас да ги оставиме поделбите. Наредната ќе биде година на нови предизвици, особено во делот на енергетиката и пандемијата со коронавирусот, но и на нови заеднички успеси на општествен, социјален и пред се економски план – посочи во видео обраќањето мандатарот на новата влада Димитар Ковачевски.
Годината што заминува ни остави различни емоции. Ковид пандемијата, енергетската криза, економското уназадување, трагедиите во Тетово и Бугарија и неспособната и неодговорна власт предизвикаа тага и болка, голем револт, разочарување, неизвесност, рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Вели, промените кои носат нова, подобра и поубава иднина се наша голема обврска.
И оваа година, како и претходната, беше проследена со новите правила на живот кои ни ги наметна пандемијата, но и со загубата на голем број наши граѓани од вирусот и трагедиите предизвикувајќи голема болка кај сите нас – констатира во пораката лидерот на интегративците Али Ахмети.
Миле Ристески
