Свет

Казахстан во фокусот на вниманието и на истокот и на западот

10.01.2022 14:54

Повеќе од една недела траат безбедносните превирања во Казахстан. Случувањата во централноазиската земја се во фокусот на вниманието на сите геополитички центри и од истокот и од западот. Последните медиумски извештаи информираат дека состојбата во земјата, иако е неизвесна, сепак, постепено се смирува. Во државата сѐ уште во сила е вонредната состојба...

Над 160 мртви и осум илјади уапсени на протестите во Казахстан. „Ситауцијата е стабилна, жариштата на терористичките закани се неутрализирани“, тврди Комитетот за национална безбедност. Демонстрантите ги окупираа владините објекти, а дел од нив беа и опожарени. Најкритично беше во најголемиот град Алмати каде што беше блокиран и пристапот до интернет. Вонредната состојба и полицискиот час остануваат на сила.  На барање на претседателот Касим-Жомарт Токаев, во земјата пристигнаа руски и белоруски контингенти со мировни сили во рамките на Организацијата на Договорот за колективна безбедност. Досега слетаа над 70 авиони.

„Операциите против терористите проодлжуваат на територијата на Република Казахстан. Тие ќе траат до нивната целосна елиминација и враќањето на уставниот поредок“, изјави Султан Гамалетдинов, заменик-министер за одбрана на Казахстан.

Во меѓувреме, руските државјани масовно го напуштаат Казахстан.

„Ситуацијата е опасна, не се плашиме. Но како да почнавме да живееме во  праисториско време, ништо не работи, сè е затворено.“

„Луѓето се без пари бидејќи повеќето имаа пари на картичките. Главниот проблем е што немавме интернет.“

„Страшно и тажно е. Многу пријатели, роднини се во војската и се директно засегнати. Многу е страшно, никој не помислуваше дека ќе се случи ова.“

Демонстрациите, поттикнати од порастот на цените на горивото, се најголемите немири во последните три децении откако Казахстан прогласи независност од Советскиот сојуз.

 

Маја С. Филдишев