Раководните тела на СДСМ треба да ги потврдат кадровските решенија за состав на новата влада
Вечер мандатарот Ковачевски пред највисоките раководни тела на СДСМ и официјално ќе ги обелодени имињата на предлог-министерите за состав на новата влада. Според најавите, до утре заедно со владината програма, списокот ќе биде адресиран до Собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ велат, Ковачевски нема легитимитет да ја води владата...

Списокот со имињата за состав на новиот владин кабинет на мандатарот Ковачевски, пред највисоките раководни тела на Централен и Извршен одбор на СДСМ. Откако ќе добие зелено светло од сопартијците, Ковачевски ќе го адресира до Собранието кое со мнозинство треба да го изгласа новиот тим.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски нема легитимитет да ја води македонската владата, поради тоа што СДСМ е детронизиран на последните локални избори, но и поради тоа што владата неуспешно се бори против криминалот и неодговорното ја води политиката во однос на прашањата од државен интерес. Според нив, Ковачевски нема никаков легитимитет ниту да преговара со Бугарија за деблокирање на преговорите за пристап во Европската унија.
Гласањето за избор на нова влада се закажува во рок од 15 дена, откако и официјално ќе стигне предлогот на новиот мандтатар за составна нова влада. Спикерот Џафери најави дека доколку до 11-ти пристигне официјален допис од Владата, тогаш седницата би можела да се одржи викендов.
Игор Панов
