Сметководителите бараат продолжени рокови за поднесување годишни сметки
Сметководителите бараат подолг рок за поднесување на годишните финансиски извештаи, и враќање на финансиската поддршка за плати што ја добија минатата година…

За поуспешно справување со последиците од здравствената криза и лимитираните ресурси Комората на сметководители бара од ресорот за економија пролонгирање на роковите за поднесување на годишните сметки. Според законот за трговски друштва финансиските извештаи треба да бидат предадени до крајот на февруари во хартиена форма, односно 15 март во електронска форма. Комората појаснува дека во многу земји овие рокови се продолжени, во Хрватска до 31 март, Словенија и Германија 30 јуни,а во Шведска и во Франција дури до крајот на јули.
„Останува нејасно зошто министерството за економија останува глуво на сите наши барања да се продолжи овој рок бидејќи комората уште во октомври 2021 година поднесе барање за навремено интервенирање од страна на министерот. Тој може, согласно член 477 од законот за трговски друштва без интервенции во законот, да го продолжи овој рок до 31.03.2022“, изјави Ана Тасевска-потпретседател на Комората на сметководители при ССК.
Освен завршните сметки од Комората укажуваат и на проблемот со добиените решенија од УЈП за враќање на примената финансиска поддршка за исплата на плати за 2020 и 2021 со веќе изминати рокови за плаќање.
„Во изминатиот период од страна на УЈП пристигнуваат решенија за враќање на користената финансиска поддршка во 2020-та и истите се со повеќемесечно задоцнување. Останува нејасно што правела УЈП во изминатиот период и наместо веднаш да се изготват овие решенија, истите ги добиваме кога пристигнуваат и новите рокови за враќање на поддршката за 2021-ва кои почнуваат да течат веќе од наредниот месец“, вели Тања Накевска-член на Надзорен одбор на Комората.
Од Комората на сметководители укажуваат дека изготвените решенија за поврат со веќе изминати рокови ги принудуваат фирмите при уплата на обврските да пресметаат и да платат и законска камата, што е сосема нелогично. Затоа од УЈП и од ресорот за финансии бараат одложување на роковите за враќање на ратите за примената поддршка за исплата на плати во изминатите две години.
Свето Николовски
