Ќе се надоместат сите штети од земјотресот во Битола
Нема пријави за повредени во земјотресот што со интензитет од 5,2 степени по Рихтер ги стресе битолчани, но сè уште владее многу паника меѓу граѓаните – општината формира стручна комисија за процена на штетите...

На итно свиканата седница на општинскиот кризен штаб се разгледуваа состојбите по синоќешниот земјотрес и направените поголеми материјални штети посебно кај колективните станбени објекти. На состанокот едногласно беше донесен заклучокот за формирање на комисија за процена на штетите и да биде усвоен на седницата на попладневниот општински совет. Освен стручни екипи од Битола во комисијата предложено е да влезат и експерти од ИЗИС.
Земјотресот во 22 часот и 43 минути со јачина од околу 5,5 степени според Рихтеровата скала со епицентар на 20-сет километри од Битола односно во близина на грчката општина Лерин синоќа внесе голем страв кај граѓаните кои веднаш излегоа на битолските улици а некои со своите возила го напуштија градот.
Она што е најважно нема загинати или повредени граѓани. Од итната медицинска помош не рекоа дека по земјотресот доаѓале одреден број на пациенти, но главно како последица на уплавот и зголемениот крвен притисок. Засега нема некои поголеми афтер шокови, но очигледно е дека стравот и внимателноста ќе бидат дел и од следнава ноќ.
Стевче Митревски
