Прилеп

Откупот на тутунот се интензивира, реакциите остануваат

10.01.2022 15:53

Откупот на тутунот се интензивира по новогодишните и божиќните празници. Кампањата е на половината, просечната цена е 193 денари, ама остануваат и барањата за законските измени. За едни е проблем увозот на тутун, за други ниската цена по класи…

Реколтата тутун квалитетна, ама откупната цена ја бранува јавноста. Кампањата стигна на половината, откупени се околу 10.000 тони по просечна цена од 193 денари. Надлежните велат – нема проблеми, откупот се одвива непречено.

Новоформираните тутунски здруженија се категорични – цената е ниска за квалитетниот род и тутунарите работат со загуба. Нема оправдувања за ниската цена. Бараат измена во Законот – да не се увезува додека не се откупи реколтата. Шест градоначалници и четворица пратеници од Пелагонискиот регион побараа измени, пратениците најавија неделава да го достават барањето до парламентот.

За здружението на производители на тутун при Стопанската комора, не е проблем увозот. Откупувачите законски се обврзани да го преземат договорениот род со кооперантите, а увезениот не е од истите сорти. За Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија, проблемот треба да се бара во ниските цени по класи.

Деновиве ќе се интензивира откупната кампања. Тутунарите се уверени дека родот нема да стигне ниту до 20.000 иако се склучени договори за 22.000 тони тутун.

Елизабета Митреска