Свет

Украина и натаму во фокус на светската јавност

11.01.2022 12:42

Случувањата во Украина и натаму во фокусот на светската јавност. Дипломатијата е сè уште во игра. Русија бара целосно излегување на НАТО од повеќе источноевропски држави. Алијансата подготвена да одговори на провокациите, ако нема договор во Женева. Украинците пак, се обидуваат да водат нормален живот...

Во време на зголемени тензии во источна Украина, жителите се обидуваат да одржат нормален живот. Во близина на градот Хорливка, мештаните што решија да останат во својот роден крај секојдневно се справуваат со гранатирања.

„За да ги нахраниме животните трчаме под оган од гранати. Секој што останува тука се обидува да задржи зеленчукова градина, фарма, да им помогне на своите деца затоа што е многу тешко“, вели Татјана Сергиенко, локален жител.

Во конфликтот на истокот по анектирањето на Кримскиот полуостров загинале повеќе од 14 илјади луѓе. Сувенирите од војната што почна во 2014-та година меѓу украинските владини трупи и сепаратистите поддржани од Русија внимателно се чуваат во дворот.

„Оваа бомба падна во мојот двор на шести декември. Уште една заврши во ничија земја. Вакви подароци добиваме на новогодишната ноќ и скоро на секој празник“, вели Татјана Сергиенко.

Жителите од третото доба пак, зависат од нивните роднини, соседи и волонтери. Друг предизвик е немањето основна инфраструктура. До најблиската автобуска станица е потребен еден час пешачење.

„Овде нема продавници. На старите им е многу тешко. Неопхдните производи ги добиват со помош од роднини. Овде нема леб, нема аптека“, вели Андреј Седлов, шеф на координативниот и правен центар „Војна и мир“.

Случувањата во Украина се во фокусот на светската јавност. Дипломатијата сè уште е во игра. Оваа недела САД и Русија имаат серија состаноци во Женева, а за утре е закажан и советот  НАТО-Москва.

Русија бара целосно излегување на НАТО од повеќе источноевропски држави, додека НАТО изрази подготвеност за конфликт и за санкции кон Москва, доколку не се постигне договор во Женева.

Маријана Димовска