Свет

Европа изгуби лидер, демократијата шампион- почина претседателот на ЕП, Сасоли

11.01.2022 12:56

На 65-годишна возраст почина претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли. Од крајот на декември беше хоспитализиран во центарот за онкологија во италијанскиот град Авиано, поради нарушување на имунолошкиот систем...

Претседателот на Европскиот парламент, италијанскиот социјалдемократ Давид Сасоли, почина во текот на ноќта во Италија, на 65-годишна возраст, во центарот за онкологија во Авиано, Италија, каде што беше хоспитализиран од крајот на декември, соопшти преку Твитер неговиот портпарол Роберто Куило.

Вчера попладне, Роберто Куило ја објави хоспитализација на Давид Сасоли „поради сериозна компликација поради дисфункција на имунолошкиот систем“ и откажување на неговите службени активности.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, преку Твитер му оддаде почит на „емпатичниот новинар, исклучителниот претседател на Европскиот парламент и, пред сè, драг пријател“.

Сасоли во минатото боледувал од леукемија и веќе бил хоспитализиран оваа есен поради пневмонија, која го држеше подалеку од Парламентот неколку недели.

„Искрен и страстен Европеец, веќе ни недостасува неговата човечка топлина, неговата дарежливост, пријателството и неговата насмевка“, реагираше претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

Новинар-презентер, ѕвезда на телевизиски вести во Италија, пред да се сврти кон политиката, Давид Сасоли беше на чело Парламентот во Стразбур од 2019-та година. Неговиот мандат завршуваше идната недела, на половина од петгодишниот мандат. Изборите за негов наследник, за кои извесно време размислуваше, се закажани за 18-ти јануари.

Неговата група, Социјалдемократите, втората политичка сила во Европскиот парламент, се откажа во средината на декември да претстави кандидат, отворајќи го патот за избор на кандидатот на ЕНП (десница), на актуелната прва вице- претседателка на Парламентот, Малтежанката Роберта Мецола. „Моето срце е скршено. Европа изгуби лидер, јас изгубив пријател, демократијата загуби шампион“, напиша таа на Твитер.

 

Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ