Собрание

Ковачевски ги достави предлозите за состав на новата влада и програмата за работа

11.01.2022 13:31

Мандатарот Ковачевски на спикерот Џафери му ги достави новата владина програма и персоналниот состав. Седницата за избор на владата се најавува за претстојниот викенд.

Мандатарот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски на собранискиот спикер Талат Џафери му ги достави новата владина програма и персоналниот состав. Седницата за избор на владата се најавува за претстојниот викенд.

Составот на владата ги има имињата коишто вчера ги соопштивме од СДСМ, од ДУИ, ЛДП и од Алтернатива. Ресорите се согласно со преземените одговорности во Владата и во согласност со Програмата на Владата. Програмата е континуитет на изборниот легитимитет којшто е добиен на изборите 2020 година со тоа што се вградени економските определби на новиот коалициски партнер Алтернатива, како и нови програмски цели коишто произлегоа од новите предизвици коишто се наоѓаат пред оваа влада, рече Ковачевски откако во Собранието ги достави Предлог – составот и Предлог-програмата за работа на новата влада.

Според него, клучен и прв приоритет на Владата ќе биде справување со енергетската криза во државата. Втор приоритет е задржување на животниот стандард на граѓаните и на компаниите во светло на економската криза која што произлегува од енергетската криза и трето е исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти коишто се одобрени во Буџетот за 2022 година, како и во законските решенија коишто беа одобрени во Собранието декември.

Одговарајќи на новинарско прашање зошто одлучил да направи компромис и во новата влада да задржи дел од претходните министри, Ковачевски истакна дека во донесувањето на одлуките се водел од принципите на исполнување на обврските, капацитетот на личностите коишто го имаат и на перформансите што ги имале во изминатиот период на водење на одредени ресори.

Во врска со евроинтеграциите на земјава, тој нагласи дека тие и натаму остануваат врвен приоритет на владата. Дополни дека во новата програма е адресирано и прашањето за предизвикот којшто го имаме со Република Бугарија и притоа нагласи дека само низ дијалог којшто е насочен кон иднината, кон проекти коишто значат подобро поврзување на граѓаните, на економиите, на културата помеѓу државите и враќање на довербата, може да дојдеме до заедничко прифатливо решение.