Ковид-19

Комисијата не донесе одлука за изолацијата, докторите бараат дополнителни мерки

11.01.2022 13:59

За една недела за 51 насто е зголемен бројот на позитивни од тестирани на Ковид-19, покажува анализата на Институтот за јавно здравје. Пријавени се 946 реинфекции, што е седумкратно зголемување во однос на претходната недела. Ова е петти бран на Ковид-19, потребни се дополнителни рестриктивни мерки, велат лекарите…

Комисијата за заразни болести не донесе одлука за скратување на времето на изолација на позитивните од Ковид-19 кои се асимптоматски случаи, информираа од Министерството за здравство.

За овој предлог членовите ќе се произнесат во наредните денови. Комисијата исто така ја разгледувала и можноста за одложување на второто полугодие од учебната година. Одлуката треба да биде донесена во наредната недела во зависност од епидемиолошката состојба.

Инаку за една седмица, седум пати е зголемен бројот на реинфицирани со коронавирус, покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Регистриран е двојно зголемен бројот на новоинфицирани со Ковид – 19. Заболени има од сите возрасни групи. Најголем дел од заболените се на возраст од 20 – 39 години. Според податоците, Омикрон се шири во 12 градови.

Во лабораторијата за вирологија и молекуларна дијагностика на ИЈЗ, во периодот од 5 до 10 јануари, направено е секвенционирање на вкупно 152 позитивни примероци на SARS-CoV-2, кај 68% од нив е детектирана Омикрон варијантата.

Веќе е започнат петтиот бран ковид пандемијата, вели доктор Чибишев. Предупредува-се случува наплив на пациенти со којшто здравствениот систем сè потешко ќе се справува.

Изминатата недела за 41 процент е зголемен бројот на хоспитализирани, покажуваат податоците на ИЈЗ. Речиси половина од нив се на лекување во Скопје во Клиниката за инфективни болести и во Градската општа болница „8 Септември“. Зголемен е бројот на дневни прегледи во инфективните одделенија низ болниците во државата.

Според епидемиолошките анкети најголем дел од пациентите имале контакт со позитивен случај три дена пред почетокот на симптомите.

Наташа Јанчиќ Менковски